Ловството во Македонија има голема традиција. Исклучок од тоа не е ниту виничкиот крај каде наскоро ќе слават 100 години од ловечки здружувања.
За прв пат ловците во виничкиот крај започнале да се здружуваат во 1926 година, кога 6 другари од кои 5 Турци и 1 Македонец го формираат ловечкото друштво „Бел Камен“. Името ловечкото друштво го добило по врвот Бел Камен, за кој во тој период се верувало дека е највисок врв на Плачковица.
Некаде во 1952 година ловечкото друштво го менува името во „Лисец“, според друг врв на планината Плачковица за кој се испоставило дека е повисок од врвот Бел Камен. Под ова име ловечкото друштво егзистира некаде до 1995-1996 година кога ловечкото здружување минува тешки финансиски моменти, по што ги губат ловиштата и престанува да постои.

Во 2000 година група ентузијасти на чело со Лазе Коцев покренуваат иницијатива за обнова на ловечкото здружување во виничко и го формираат ловечкото здружение „Бел Камен“ според првото име на ловечкото друштво. Ловечкото друштво повторно почнува да функционира, овој пат како ловечко здружение. Тоа делува во административните објекти од ловечкото друштво „Лисец“, но за жал до 2011 година е без ловишта. Во 2011 година на јавен оглас ги добива ловиштата од виничкиот крај и може да се рече дека ловството во виничко доживува своевидна „ренесанса“. Тоа се 2 ловишта за крупен дивеч и 2 ловишта за ситен дивеч, кои одлично се надоврзуваат едни на други
Ловното друштво денес
Во својата историја ловечкото друштво минува низ турбулентни периоди на успони и падови. Тоа неколку пати го менувало името, дури и згаснувало, но со текот на годините желбата за лов и дружење помеѓу виничани само се зголемувала. Поради тоа ловечкото здружување се повеќе се унапредува и шири, а ловството станува значајна рекреативна и спортска активност во виничкиот крај. Во зенитот на своето постоење тоа достигнува бројка и до 500 членови.
Во денешно време ловечкото друштво „Бел Камен“ е едно од најдобрите ловечки здруженија во нашата држава. Бројката на членови е околу 250 лица што е солидна за денешни прилики. Проблемите кои ги имаат младите ловци со набавка на оружје сериозно го погодува и ова ловечко здружение, па околу 180 лица со положен ловечки испит чекаат одобрение за набавка на ловечко оружје.

Кој имал прилика да ги посети ловиштата во 2010 година и повторно 2024 година ќе забележал дека разликата е фрапантна. Од целосно девастираните и неуредени ловишта со минимален број на дивеч во 2010 година, тие во 2024 година постануваат едни од најуредените ловишта во нашата држава со стабилни и бројни популации на дивеч.
Тоа се должи на одличното менаџирање на ловечкото друштво и големиот ентузијазам кај ловците. Може слободно да се каже дека ловството во виничко е во самиот врв во ловството во Македонија. Ловиштата се преполни со разни ловно-техничко објекти, како што се хранилишта и солишта, а низ нив има и голем број на ловечки куќи кои се користат од страна на ловџиите.
![]() |
![]() |
| Изградба на чеки | Одржување на хранилиштата |
Можеби за ова допринесува и уникатното организирање на самото здружение на ловци, при што секоја ловечка дружина си има свој дел од ловиштето во кој се грижи, го чува и го одгледува дивечот. Тие убаво сфатиле дека бројноста на дивечот најлесно ќе се зголеми со храна, сол, чување и мир, па вложуваат големи напори во изградба на ловно технички објекти низ своите терени. И не само тоа, тие на сите терени градат и ловечки куќи во што имаат голема помош и од самото здружение. Затоа секој ловџија кој лови во ловиштата на ЗЛ „Бел Камен“, во било кој дел од планината ќе најде место каде може да се засолни во непогода или да преноќи.

Ловечка куќа на ЗЛ „Бел Камен“ од Виница
Уреденост со ловно-технички објекти
Покрај тоа што ловиштата со кои управува ловечкото друштво „Бел Камен“ се одлично уредени со ловно технички објекти и ловечки куќи, во изминатиов период тоа има изградено и една фазанерија и што е реткост во нашите ловишта, стрелиште за спортско стрелаштво.

Фазанерија на ЗЛ „Бел Камен“
Фазанеријата е во полна кондиција и годишно произведуваат по околу 1000 фазански пилиња. Тие постојано вложуваат во нејзино усовршување, па неодамна се подновија и со нов инкубатор за фазански пилиња.
Стрелиштето е приказна за себе си. Тоа е одлично дизајнирано задоволувајќи ги и највисоките стандарди за безбедност. Поради тоа ловџиите во виничко се едни од ретките во Македонија кои своите ловечки вештини можат да ги тестираат и надоградуваат на свој полигон за ловечко стрелаштво.

Стрелиште за спортско стрелаштво на ЗЛ „Бел Камен“
Покрај тоа, здружението е во постапка на реализирање на 2 големи проекти за унапредување на ловството. Едниот е изградба на репродуктивен центар за одгледување и размножување на диви свињи, кој ќе се гради на планината Плачковица. Тој би требало да се реализира со помош на средства од европски фондови, како дел од погранична соработка со соседна Република Бугарија.
Вториот проект е изградба на еребичник за одгледување на полски еребици. Тој е планирано да се изгради во непосредна близина на фазанеријата со сопствени средства и со спонзорства.
Организирање на натпревар на ловечки кучиња
Како признание за добрата работа и одлична ловечка инфраструктура, на здружението на ловци „Бел Камен“ во 2019 година му беше доделена чест да го организира државниот квалификационен натпревар на ловечки кучиња за лов на зајак. На ова натпреварување учество земале околу 90 ловци од целата држава, а целата грижа околу организацијата и сместување била на здружението на ловци „Бел Камен“ од Виница.
Спортскиот лов пред комерцијалниот
Ловството во виничко речиси во целост има спортски карактер, каде дружењето и љубовта кон дивечот се на прво место. Ловечката етика и морал се на толку високо ниво, што прашањето дали ќе се улови нешто е од споредно значење во однос на дружбата и грижата за дивечот.
Тоа е резултат можеби и на лошото искуство во блиското минатото, кога беше навистина реткост да се сретне дивеч во овие ловишта. Со многу труд и љубов тие успеаја да го вратат дивечот во ловиштата, па сега љубоморно го чуваат и прават големи напори да не го изгубат повторно.
![]() |
![]() |
Сепак постојат и одлични услови за организирање на комерцијален лов, бидејќи во нивните ловишта има голем број на волци кои се доста атрактивни за странските ловци. Тие во едно од своите ловишта имаат изградено мрциниште за волци, па така доколку некој има желба да види или застрела волк, тука лесно може да го направи тоа.
Државата да ги заштити добрите концесионери
Сепак потребна е и помош од државата. Концесионерите често имаат проблеми од финансиска природа, па за да не се доведе во опасност нивниот опстанок и да не дојде до повторно девастирање на ловиштата, треба да се најде модел како да се помогнат концесионерите.
Еден од начините за помош на концесионерите со дивечот во ловиштата е државата во форма на субвенции или разни олеснувања да врати дел од парите уплатени за концесии назад кај концесионерите. Ова е значајно, бидејќи лесно се девастира едно ловиште, но потребно е многу труд, време, пари и напор да се нормализира состојбата во него.
Проблемот е во тоа што за нормализирање и унапредување на едно ловишта потребни се многу години и напорна работа. Се наметнува прашањето, зашто некој би инвестирал и би се трудел во развојот на ловиштата и на ловството, ако нема сигурност дека во иднина ќе управува со тие ловишта.

Населување дивеч во ловиштата на ЗЛ „Бел Камен“
Навистина е нефер ако после долга и напорна работа, кога ќе треба да дојде период на уживање на плодовите од својата работа, ќе дојде период на нов циклус концесии и со тоа неизвесност дали ловиштето ќе им биде одземено.
Тоа не е праведно и е дестимулирачки за многумина. Зашто би инвестирале и би се труделе во едно ловиште, ако немаат сигурност дека нивни поколенија во иднина ќе имаат прилика да ја продолжат традицијата во одгледување на дивечот и во ловството.
Затоа државата треба да најде начин со кој ќе ги награди и заштити добрите концесионери, кои се грижат за дивечот и ловиштата и кои имаат добри резултати во унапредување на ловството.



