Кленот е риба што ја има во чисти и средно брзи води, главно во средните и пониски водни текови, во длабоките вирови или на премините од еден во друг вир. Оваа риба ја има речиси на целиот европски континент, освен во скандинавските подрачја.
Кленот се лови на повеќе начини: длабински, со блинкер, на тапа и на т.н. пец. Длабинскиот метод се применува за време на поголеми води, особено во пролет и во доцна есен, додека другите методи се успешни во летниот дел од сезоната. Особено е интересен ловот на пец (без тапа) што е, пак, специфично за помалите реки.
Приборот што се користи при ловот на клен може биде сосема скромен, доволно е рибарот да има тенок рибарски стап со средна должина, лесна машинка со намотан конец со дебелина 0,18-0,25 мм, сосема мала тапа и јадица со големина околу бројот 12. Најуспешна мамка за клен е скакулецот.
При фрлањето на јадицата не е потребно да се води сметка што полесно да падне на површината во водата. Посилниот удар на јадицата заедно со мамката на неа, како и тапата на површината на водата, го предизвикува кленот да загризе дури и кога не е гладен. Ако не загризе по неколку секунди од фрлањето на мамката, целата постапка рибарот треба да ја повтори.
На местото каде што ќе се лови риба треба да се пријде што потивко, без нагли движења, особено ако кленовите се наоѓаат на површината на водата. Мамката треба да падне 20-40 см пред воочениот клен.
Ако на него тргне ситен примерок, не треба да му се дозволи да ја зграпчи мамката, туку со повлекување на конецот да се спречи негова намера. Во таа мешаница за пленот, јадицата обично ја голтнува најкрупниот клен од групата.
Кленовите што се ловат на овој начин се тешки 100-300 грама, Капиталците, пак, кои тежат повеќе од два килограми се многу ретки и повнимателни, но и тие понекогаш се ловат.