Македонската Риболовна Федерација е формирана на 20 април 1952 година кога во просториите на Главниот одбор на Народна техника во Скопје, е одржано основачко Собрание на тогашниот „Сојуз на спортските риболовни друштва на Народна Република Македонија“.
Како прв претседател на Управниот одбор бил избран Инж. Киро Георгиевски, министер-генерален секретар на владата на НРМ, додека за потпретседател Јово Богдановиќ, полковник од ЈНА.
При крај на месец септември 1952 година СОЈУЗОТ НА СПОРТСКИТЕ РИБОЛОВНИ ДРУШТВА НА НРМ дава известие во кое се известуваат сите спортски риболовни друштва на територијата на Народна Република Македонија дека на Сојузот на спортските риболовни друштва на НРМ му е одобрена работата со решение бр.IV.18270 од 26.IX.1952 год. од министерството за внатрешни работи на НРМ.
Во таа година, спрема решението на годишното Собрание, за секој член што не е член на Сојузот на ловечките друштва на НРМ требало да уплати предвидената претплата за списанието “ЛОВЕЦ“ кое било службен орган на Сојузот на ловечките и спортско риболовните друштва на НРМ.
На ден 07.06.1952 година во Белград се одржало редовно годишно собрание на Сојузот на спортските риболовни друштва на ФНР Југославија, на кое, преку свои делегати, биле застапени Сојузите на сите народни републики. Сојузот на спортските риболовни друштва на НРМ го застапувале 5 (пет) делегати-членови на Спортско риболовно друштво „Вардар“ од Скопје.
Во овој период донесени се редица Закони, Правилници и Прописи се со цел:
- Зголемување на бројноста на членство во Сојузот на спортските риболовни друштва на Македонија
- Одржување на природната популација во нашите води и
- Зголемување на популацијата во нашите води по вештачки пат т.е. одгледување на рибите и порибување.
Дозволи за риболов
За прв пат 1956 година, на територијата на НРМ, се воведуваат два вида на дозволи и тоа: дозволи за риболов во низински и дозволи за риболов во висински води.
Како висински води во НРМ се третираа:
- Сливот на Јадранското Море: со сите води заедно со Охридското езеро (Радика и Црн Дрим со сите притоки), со толеранција на реката Црн Дрим во граничниот дел и реката Радика при устието кај Дебар.
- Сливот на Егејското Море со:
- Реката Вардар од иворот Вруток па до изворот Рашче со сите леви и десни притоки (Лакавичка, Чегранска, Форинска, Рашче, Теаречка, Маздрача, Пена, Бистрица).
- Кадина река од изворот до село Тисовица, Треска од изворот до Македонски Брод со сите притоки, како и притоките јужно од Брод (Мала и Белица).
- Бабуна од изворот па се до с. Извор заедно со сите притоки, вклучително и реката Изворчица.
- Црна Река од извор па се до с. Жван со сите притоки
- Бошава и дошница од изворите до хидроцентралата.
- Пелистерските и Кајмакчаланските притоки на Црна Река (Коњарка, Цапарска, Сапунчица, Бистрица, Бела Река и Конска и др.) во целите сливови.
- Брајчинска Река, притока на Преспанското Езеро.
- Липковска Река по целото течение.
- Брегалница од изворот до Делчево.
- Зрновска река.
- Сливот на Бело Море: Смоларска Река и некои други притоки од Беласица во Струмешница
Сите останати води се третираа како низински води.
Македонска Риболовна Федерација во денешно време
Од тогаш па до денес рекреативните и спортските риболовци дејствуваат организирано преку нивните „Риболовни здруженија и клубови“, сите членки на Македонската риболовна федерација, која по осамостојувањето, на конгресот во Берлин во април 1992 година, под уставното име eпримена како рамноправна членка во светската риболовна конфедерација CIPS.

Денес во Р. Македонија, по реални проценки, со рекреативен и спортски риболов се занимаваат околу 50.000 риболовци. Меѓутоа проблемите во секојдневието во различни фази на нашето живеење се рефлектираат и во риболовот во државата, така да во овој момент (2024 година) во единствениот список на рекреативни риболовци кој се води во Македонската Риболовна Федерација запишани се приближно 40.000 членови организирани во преку 60 риболовни здруженија.
Македонската Риболовна Федерација е членка на Министерство за спорт, каде што ги извршува и исполнува сите спортски активности во непосредна соработка со Министерството.
Активности на Македонска Риболовна Федерација
Федерацијата активно соработува и со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Државниот инспекторат за земјоделство, Министерството за животна средина и просторно планирање, како и со Министерството за внатрешни работи.
Сите активности на Федерацијата се транспарентни и произлегуваат од работата на нејзините органи: Собранието, Надзорната комисија, Управниот Одбор како и комисии како помошни органи на УО и тоа:
- организирање на рекреативниот риболов во Р. Македонија;
- организирање на спортскиот риболов во Р. Македонија;
- организирано јакнење на РЗК, нивна меѓусебна соработка и омасовување на спортскиот и рекреативниот риболов;
- насочување и координирање во работата на РЗК;
- развивање и унапредување на рекреативниот и спортскиот риболов;
- зголемување на рибниот фонд;
- заштита на водите и рибите во нив;
- заштита и унапредување на животната средина;
- дава помош, соработува и врши контрола на терен во организирањето на спортскиот и рекреативниот риболов на своите членки;
- порибување на водите во Р. Македонија;
- издавање легитимација за рекреативен риболов;
- издавање легитимација за спортски риболов;
- водење евиденција и статистика од областа на рекреативниот риболов;
- водење евиденција и статистика од областа на спортскиот риболов;
- соработка, помош и учество во производството на порибителен материјал со регистрирани репроцентри;
- соработка со други организации, органи и здруженија;
- едукација на младите во тајните на спортскиот и рекреативниот риболов;
- спроведување и остварување на политиката за развој на физичката култура и спортот во Р. Македонија;
- утврдување и реализирање на систем за натпревари во спортски риболов;
- стимулирање за постигнување на врвни спортски резултати;
- унапредување на врвното спортување во спортски риболов заради репрезентирање на спортски натпревари на домашен и меѓународен план;
- организирање обука и испити за спортско риболовни судии;
- редовно и детално информирање на членките на федерацијата;
- издавање брошури и други стручно-информативни материјали;
- изготвување и организирање на разни облици на стручно усовршување на спортски и рекреативните риболовци (семинари, советувања и друго);
- подготвување на програм и спроведување на семинар и курсеви за стручно до оспособување на рибочуварите;
- извршува и други цели и задачи од областа на спортскиот и рекреативниот риболов;
- задолжува, распределува и раздолжува дозволи за рекреативен риболов;
- врши контрола и заштита на риболовните подрачја кои не се доделени на користење.
И покрај сите овие потешкотии, императив на овој состав на УО на МРФ, а секако и на наредните, ќе претставува понатамошен амбициозен развој на спортскиот и рекреативниот риболов во Република Македонија.
Промоција на спортско-риболовни натпревари
Освен за риболов од рекреативни причини, Сојузот направи и напори за промоција на спортско-риболовни натпревари на кои натпреварувачите ја покажуваат својата вештина и техника. На нив се постигнуваа квалитети за поефикасно спроведување на спортските дисциплини во пракса.

Ваквите натпреварувања во странство се одржуваа многу често, додека кај нас се правеа првите чекори.
Покрај вообичаените натпреварувања во методата на лов на риба со јадица постоеја уште две методи т.е. фрлање на тег во далечина и во мета и фрлање на вештачка мушичка во далечина и во мета.