Согласно Законот за дивечот и ловството, дивечот се дели на дивеч под заштита и дивеч без посебна заштита. За дивечот под заштита се утврдува ловостој, привремена и трајна забрана за ловење. Доколку со законот поинаку не е определено, за време на ловостој, привремена и трајна забрана за ловење, дивечот под заштита не смее да се лови, прогонува или вознемирува.
Ловостој за дивечот под заштита
Ловостоjот според половата и возрасната структура на дивечот, како и дозволениот дневен застрел во ловната сезона со Законот за дивечот и ловството се утврдува за:
- срнак од 1 октомври до 30 април,
- срна од 1 февруари до 30 септември,
- младенчиња – едногодишни и двегодишни од срна од 1 февруари до 30 септември,
- обичен елен од 1 февруари до 31 август,
- еленка – кошута од 1 јануари до 31 октомври,
- младенчиња – едногодишни и двегодишни од обичен елен од 1 јануари до 31 октомври,
- елен лопатар од 1 февруари до 15 септември,
- кошута еленка лопатар од 1 јануари до 31 октомври,
- младенчиња – едногодишни и двегодишни од елен лопатар од 1 јануари до 31 октомври,
- муфлон машки од 1 февруари до 15 септември,
- муфлон женски од 1 февруари до 30 септември,
- младенчиња – едногодишни и двегодишни од муфлон од 1 февруари до 30 септември,
- дивојарец од 1 јануари до 31 јули,
- дивокоза од 1 јануари до 30 септември,
- младенчиња – едногодишни и двегодишни од дивокоза од 1 јануари до 30 септември,
- дива свиња (женка) од 16 јануари до 14 септември,
- дива свиња (мажјак) од 16 јануари до 30 април,
- зајак од 15 декември до 10 октомври,
- дива мачка од 1 март до 31 јули,
- јазовец од 1 март до 31 јули,
- полска еребица, еребица камењарка, лештарка од 15 декември до 10 октомври, а дозволениот дневен застрел во ловната сезона е до три единки по ловец во ловен ден,
- фазан од слободна природа од 1 јануари до 30 септември и
- потполошка, гулаб гривнеж, гулаб-дупкар, див гулаб или гулаб пештерник, грлица, гугутка, шумска шљука, ридска или барска шљука, шљука ливадарка или голем бекасин, мал бекасин, дива гуска, белочелна гуска, гуска глоговница, морски гуски (Branta sp.), дива пaјка или пајка глувара, берија или крѓа, пајка ластарка или калкурук, пајка пупчаница, црвеноглава њорка или алмабаш, цуцулеста њорка, полска чучурлига, имелов дрозд, смреков дрозд и лиска од 1 април до 31 јули, а дозволениот дневен застрел во ловната сезона е до 15 единки по ловец во ловен ден.
Ловостојот, од наведените видови дивеч не се однесува на машките видови дивеч и тоа: срнак, обичен елен, елен лопатар, муфлон, дива свиња и алохтони видови дивеч кои се внесени и кои се користат во оградените простори на ловиштата во Република Северна Македонија, доколку истиот се одгледува во оградени простори за интензивно одгледување и застрел на дивеч, како и за лов на ситен дивеч од вештачко производство во полигон за лов на дивеч.
Дива свиња (мажјак) во периодот од 1 мај до 14 септември се лови во поединечен лов без учество на ловечки кучиња-гоничи.