Кога познатиот ловечки активист од Прилеп, Јоска Богоески, во 1974 година беше избран за претседател на тогашната Општинска ловна заедница а потоа за секретар на Ловечкото друштво, во градот под Маркови Кули почна да се гради денешниов Ловен дом. Во него Друштвото “Мукос” работи, а истовремено ловците се собираат на ловечки разговори.
– Работевме самопрегорно и во една ловно-стопанска година го изградивме нашиот ловен дом, – вели тогашниот претседател Јоска Богоески.
– Го градевме со доброволна работа на ловците и материјална помош од повеќе стопански организации од Прилеп. Свеченото отворање беше триумф на нашите ловци, кои масовно присуствуваа. Лентата ја пресече претседателот на Ловечкиот сојуз на Македонија, Боге Кузмановски. Имаше и поканети гости. Ни се рече дека е тоа еден од најубавите ловни домови во Македонија. Се гордеевме на успехот.
Многу труд се внесе и во формирањето на фазанеријата во атарите на Орушица. Оградивме волиера, во која во прво време под домашни квачки се ведеа фазански пилиња, а после почнавме да набавуваме фазански подмладок од Катланово. Отпрвин околу деветстотини, а во наредните години и по илјада до две илјади пилиња. За нивниот опстанок се грижеше редовно вработен ловочувар. Тогаш фазанеријата стана расадник на фазански дивеч во околните терени.

Посебна грижа посветуваме на сузбивање на криволовот. Ноќно време со џип одевме на терен за да ги фаќаме криволовците во лов на фарови и други ловокрадства. Одевме во потрага и по ловокрадци кои со кафези и примки ловеа еребици камењарки. Бевме ригорозни во казнувањето, – подвлекува Јоска Богоески, кој покрај раководните функции во организација, повеќе години беше член на извршните одбори и други органи на Ловечкиот сојуз на Македонија, а беше и претседател на Дисциплинскиот суд на сојузот.
ЛОВЕЧКИОТ ДОМ – ГОРДОСТ НА ПРИЛЕПСКИТЕ ЛОВЦИ
Секој што ќе го види и ќе го посети ловечкиот дом па Општинската ловна заедница во Прилеп ќе остане восхитен од неговата комплетна убавина.
Лоциран во центарот на старата прилепска чаршија и успешно вклопен во нејзиниот амбиент, претставува зграда од два ката со вкусно обликувана фасада, која ја красат балкончиња и орнаменти а во приземјето е сместена и продавница за ловни и риболовни спортски реквизити.

Влезот во домот, скалите и ходниците се изработени од квалитетен бел мермер. На два ката се наоаѓаат две пространи и луксузно опремени сали, наменети за разонода и релаксација на ловците.
Во нив се сместени два билијара, неколку гарнитури за шах и за други друштвени игри а миндерлаци, удобни фотељи и модерни столици со маси го дополнуваат богатиот ентериер.
Амбиентот го прават уште попријатен елегантната ламперија на ѕидовите и неколкуте таписерии вградени во нив, како и бројните експонати на вешто препариран дивеч отстрелан во пространите прилепски ловишта.
Во меѓукатот, одделно од салите, се сместени три работни простории, сала за конференции (Кабинет на Претседателството на Заедницата), работна канцеларија на Заедницата и работна просторија на Спортското риболовно друштво на градот.
И овие простории се вкусно подредени со нов мебел и бројни експонати.
Општ е заклучок дека домот во Прилеп, засега е најмодерен и најубав во цела Македонија.
За ова посебно заслуга имаат Градежното претпријатие „Пелагонија“ што ја изврши градбата на објектот, Собранието на Општината Прилеп, ПТТ и сите организации и поединци што учествуваа во неговата изградба и опремување, а пред се Општинската ловна заедница која самопрегорно се заложи да му обезбеди на своето членство простран и раскошно современ дом.“
Сеќавања на Јоска Богески , поранешен претседател на Ловечкото друштво од Прилеп
1996 година
Списание „Ловец“