Здружувањето во Ловечка федерација во Македонија (ЛФМ) согласно член 38 од Законот за ловството и дивечот е на доброволна база.
Ловечката федерација на Македонија е доброволна национална асоцијација на ловците и корисниците на дивечот во ловиштата во Македонија. Корисниците на дивечот во ловиштата можат да се здружуваат во Ловечка федерација на Македонија и други форми на здружување согласно со закон.
Ловечката федерација на Македонија ги претставува своите членки на промоции на ловството во Македонија и странство. Таа согласно законот ги врши следниве работи:
- уредува и издава ловечко списание и останата ловечка литература,
- организира ловечки натпревари (стрелаштво),
- организира обука за спроведување на биосигурносни мерки во ловиштата и препознавање на болести кај дивечот во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство,
- се грижи за ловечката култура и традиција,
- се грижи за сертификатите за одгледување на ловечки кучиња, сертификатите за практична обука на ловечките кучиња и регистрација на ловечки кучиња,
- организира изложби на ловечки трофеи и издава каталог на трофеите од изложбата,
- организира курсеви за обука за проценка на трофеи од дивеч,
- води евиденција на ловечки кучиња во хартиена или електронска форма согласно со прописите за електронското работење,
- учествува во постапката за полагање на ловечкиот испит со спроведување на обука на кандидатите за полагање на ловечкиот испит и
- издава ловечка легитимација со која се утврдува статус на ловец на домашно физичко лице кое има положено ловечки испит.
Ловечка Федерација на Македонија
Ловечката Федерација на Македонија (ЛФМ) е најстара и најмасовна во целата држава. Оваа организација е граѓанска организација формирана на 18 април 1946 година. Основна цел поради која е формирана е да ги обединува локалните ловечки организации, да се бори за нивните интереси, да се залага за подем на ловството и заштита на природата. ЛФМ ги обединува ловците, младите луѓе и љубителите на природата.
Во денешно време претседател на ЛФМ со веќе втор мандат е Влатко Алексовски. За жал до скоро време таа немаше ниту еден вработен, со што можеше да остави впечаток дека тоа повеќе функционира како волонтерско друштво. Од неодамна тоа се промени и во ЛФМ се вработи едно лице, што секако многу ќе значи за подигање на нивнот на работа на едно повисоко ниво.

Претседателот на Ловечката федерација на Македонија со дел од управата (извор ФБ страна на ЛФМ)
Сепак тоа е далеку од нивото на екипираност и стручност во однос на останатите Ловечки федерации во регионот. Тоа ја става во далеку понеповолна општествена положба во однос на овие федерации, бидејќи таму се тие сериозни и професионални организации со вработено на поголем број стручни лица од областа на ловството кои се грижат за работите на федерациите и исполнувањето на нивните функции и обврски кон државата, членките и кон ловците.
Бројката на ловци постојано варира, но се проценува дека изнесува околу 37 000 ловци. Не е познато колку членови и на ЛФМ, но со новиот Закон за дивечот и ловството предвидено е сите ловци во Македониј да поседуваат легитимација издадена од Ловечка федерација, со што ќе се олесни евиденцијата на ловци на територија на Македонија.
Работата на Ловечка Федерација на Македонија
Работата на ЛФМ е поделена на повеќе комитети и комисии кои се грижат за унапредување на ловството. Тоа се следниве комисии:
- Комитет за ловна кинологија;
- Комисија за евиденција и оценување на ловечки трофеи;
- Комитет за ловно и спортско стрелаштво;
- Комитет за унапредување на ловството;
- Во рамките на ЛФМ делува и суд на честа.
Покрај тоа, ЛФМ учествува во работни групи за изработка на закони кои директно влијаат во на состојбите во ловството, како што се:
- законот за дивеч и ловство и
- законот за оружје.
Ловечката Федерација на Македонија е социјален партнер на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. ЛФМ на меѓународен план е членка на Меѓународниот организација за заштита на дивеч и диви животни ( CIC) и учествува во повеќе проекти од меѓународен карактер.

Државно првенство на ЛФМ, во летечки мети, ТРАП 25 за 2023 година, на стрелиштето на ЛД ОРЕЛ Валандово (извор ФБ страна на ЛФМ)
Во рамките на своите ингеренции, ЛФМ организира натпревари во ловно – спортско стрелаштво, смотри за регистрација на ловечки кучиња, врши евиденција и оценување на ловечки трофеи како и организација на државна изложба на ловечки трофеи.
Мисијата на Ловечката Федерација на Македонија
Главната мисија на ЛФМ е одржување и зачувување на природата и животните кои живеат слободно во неа, како и совесно управување со дивечот и ловиштата, односно серија од меѓусебно поврзани активности во полето на управување со дивечот вклучително и грижа за постојан развој на овие вредности. Дополнително, мисијата на ЛФМ е законско и совесно управување со дивечот како составен дел на природата.

Мисијата на ЛФМ се остварува со:
- Подршка на развојот на управувањето со дивечот и заштита на природата во соработка со други организации како и државни органи;
- Унапредување на ловната кинологија, како и користење за лов исклучиво на чисти раси на ловечки кучиња;
- Организирање натпревари во ловно – спортско стрелаштво;
- Негување на ловечките обичаи и традиција кои промовираат управување со дивечот и зачувување на природата;
- Поттикнување и охрабрување на младите луѓе да станат ловци;
- Едукација и подигање на јавната свест на ловците и на неловечката популација за значењето на ловство како стопанска дејност, одгледувањето и заштитата на дивечот и суштината на самиот лов во духот на ловечката етика, ловечката традиција и обичаи;
- Соработка со домашни и странски ловечки орнанизации.
Можност за јакнење на Ловечката Федерација на Македонија
Со новиот Закон за дивечот и ловството на ловечката федерација на Македонија и се даде поголемо значење. На неа и се префрлија или отстапија дел од ингеренциите кои до сега ги имаа ловечките друштва и некои институции, со што се отвори простор за прилив на значителни финансиски средства во федерацијата, што од друга страна е битен услов за јакнење на самата федерација.
Така на пример, со новиот закон е пропишано секој ловец да поседува Ловечка легитимација издадена од Ловечката федерација, но и да учествува во постапката за полагање на ловечкиот испит.
Согласно проценките на сајтот на ЛФМ дека во Македонија постојат околу 37.000 ловџии и за Ловечка легитимација секој треба да издвои 500 денари, тогаш само по овој основ во касата на федерација може да се очекува дека се слеат околу 18,5 милиони денари или околу 300.000 евра. Сепак ова е преголема бројка на ловци за Македонија и може да се очекува дека членството ќе биде помало, но сепак значително.
Како и да е, со ова се остава простор во федерацијата во иднина да се слеваат значителни финансиски средства, кои може доста корисно да се употребат за развојот на ловството, дали во форма на субвенции или во форма на директни инвестиции.
Тоа влева надеж дека во иднина Ловечката федерација на Македонија ќе започне процес на интензивно јакнење и воведување на професионализам во работењето. Со тоа ЛФМ ќе може да се наметне како сериозен фактор кој ќе работи за унапредување на ловството и во интерес на ловците и нејзините членки. Некои процеси се веќе започнати кои веќе даваат позитивни резултати, но престои уште голема работа пред неа.