За да се уреди едно ловиште, односно за да може да се установи нормалната бројна состојба на дивечот, нужно е најнапред да се изврши разграничување на неговата вкупна површина на следниве две категории:
- ловна површина и
- неловна површина.
Во ловната површина (ЛП) на ловиштето спаѓаат сите оние негови делови на кои може да се стопанисува со дивечот. Од своја страна пак, ловната површина, според еколошките услови се дели на:
- ловнопродуктивна и
- ловнонепродуктивна.
Сите податоци што се однесуваат за структурата на површините на ловиштето, како и типот на ловиштето, се внесуваат во посебни со Правилник утврдени формулари именувани како катастар на ловиштето.
Податоците за катастарот на ловиштето се внесуваат во Образец 1, кој е составен дел од Посебната ловностопанска основа. Точното утврдување на овие површини е од значење за точно утврдување на нормалната бројна состојба дивечот и капацитетот за секое ловиште.
Овие површини се утврдени со член 34 од Законот за дивечот и ловството.
Ловнопродуктивна површина
Во ловнопродуктивна површина (ЛПП) спаѓаат сите делови на ловиштето во кои дивечот може трајно да опстане, да се размножува па и да се искористува (да се лови). Во ЛПП се вбројуваат: ниви, ливади, пасишта и шумски површини.
Посочениве површини во определени случаи не можат подеднакво да се однесуваат како ЛПП за сите видови дивеч. Така, на пример, шумските површини во едно рамнинско ловиште, што е населено со полски еребици и зајачки дивеч, не можат во иста големина да се сметаат за обата вида како ЛПП.
Шумскиот дел од ловиштето, за полската еребица, со исклучок на тесниот граничен дел, ќе се издвои како ловнонепродуктивна, додека за зајакот и земјоделските и шумските земјишта ќе се сметаат за ЛПП, од причина што овој вид подеднакво може да опстане и да се размножува на двата типа земјишта. Затоа е нужно, при бонитирањето да се изврши таканареченото реонизирање на ловиштето, односно се утврдува ЛПП за секој конкретен вид.
Ловнонепродуктивна површина
Во ловнонепродуктивна површина (ЛНП) спаѓаат оние делови на ловиштето, во кои дивечот не може да се размножува, меѓутоа во нив ќе може да се лови. Таков е случајот со површините што се под вода во пролетниот период кога дивечот се размножува. Меѓутоа со повлекувањето на водата, дивечот од другите делови на ловиштето на овие површини, може да најде добри засолништа па и да се лови.
Неловна површина
Под неловна површина (НП) се сметаат оние делови на ловиштето на кои дивечот нема услови да опстане и да се размножува или пак не можат или не смеат да се преземаат одделни ловностопански дејствија (одгледување, уредување, отстрел и сл.) заради законски и други причини. Во оваа категорија спаѓаат површините на населените места, индустриски и воени објекти, парк шуми, национални паркови, одделни категории природни резервати, патишта, железници, гробишта, плантажи и лозови насади, лозја и овоштарници.
Според надморската височина, ловиштата во Македонија се делат на:
— низински со надморска височина од 150—600 метри;
— ридести од 600—1000 метри;
— брдски од 1000—1300 метри и
— планински со над 1300 метри надморска височина.