Кога станува збор за набавка на ловно оружје првпат, треба да се напомене дека секој љубител на ловот има различен вкус по ова прашање. Во суштина, најбитно е ловџијата да одбере оружје по своја мера, за кое мисли дека најдобро ќе му одговара додека лови.
Секако дека тука играат улога и други фактори, како што се нивната цена, квалитетот, моќноста, калибарот, производителот, големината на ловџискиот фонд, неговиот квалитет и друго. Ако се суди по ловџискиот кодекс, кој вели дека пушката треба да им служи на три генерации од едно семејство, тогаш е неоспорно дека изборот при купувањето треба да падне на ново оружје. Но и користеното оружје, чии цени се многу подостапни, а квалитет исто така е добар, а кое претходниот сопственик редовно го одржувал, може добро да послужи како ново. Токму затоа можеби е добро при купувањето на првото ловно оружје тоа да биде користено, за ловџијата да се увери дали му одговара таков вид или не.
Во светот сѐ повеќе се користат пушки со една цевка. Постои и комбинирано оружје, кое се состои од повеќе цевки, кои можат да се наместат на главата на иста пушка. Тоа се мазни цевки за сачми со калибри од 12, 16, 20 мм и комбинирани цевки, кои се состојат од една мазна и една олучена цевка. Постојат и повеќе варијанти на цевки, на пример првата цевка да е мазна, а втората олучена и обратно.