Честопати, при одгледувањето на дивечот во слободна природа е присутен еден мошне сериозен проблем. Имено, поради неплански или прекумерен отстрел, како и поради некоја болест, густината на популацијата на дивечот е многу намалена или се наоѓа на границата на биолошкиот минимум. Ревитализацијата на ваквите популации по природен пат, бара подолго време. За да се скрати времетраењето во регенерацијата на дивеч во ловивиштето, се применува негово населување со определен број примероци.
Населување дивеч во ловиштата може да се изведе и заради внесување на некој нов вид, за кој во местоживеење постојат поволни услови за опстанок.
Првото населување се означува како реаклиматизацијa, a второто како аклиматизација.
Реаклиматизација и аклиматизација на дивечот
При населувањето, односно при аклиматизацијата и реаклиматизацијата, од значење е да се знае потеклото и здравствената состојба на дивечот. Населувањето најуспешно се изведува ако дивечот потекнува од слободна природа и тоа, од места со исти или со полоши услови од условите на местото каде што ќе се изведе населувањето.
Аклиматизацијата на други неавтохтони видови дивеч претставува еден облик на вештачка имиграција. Таков е случајот на населувањето на фазанскиот дивеч, на муфлонот, еленот лопатар, белоопашестиот елен и други видови на Европскиот континент. Доколку при аклиматизацијата на овие видови не се води сметка за нивната екологија, населувањето може да биде неуспешно или пак нововнесениот вид да се прилагоди со истиснување на некој од автохтоните видови.

Честопати за населување се користи дивеч што е произведен по вештачки пат или е со потекло од друго поднебје. Поради тоа, пред испуштањето во слободна природа, тој треба извесно време да се прилагоди кон новите животни услови. Прилагодувањето односно адаптацијата на дивечот се изведува низ посебни изградени објекти наречени адаптациони огради (волиери).
Без разлика дали се врши аклиматизација и реaклиматизација на крупен или ситен дивеч, потребно е добро да се запазат одредени принципи и правила, без кои успехот ќе изостане. Така на пример:
- треба добро да се познава екологијата на дивечот,
- да се набавува здрав дивеч со квалитетни наследни особини,
- тој да се набавува од соодветни одгедувачници или доколку се фаќа жив дивеч тој да биде од соодветни местоживеалишта,
- да се набавува со соодветна возраст и со соодветен полов сооднос,
- да се транспортира на начин со кој ќе се минимизира стресот кај дивечот,
- доколку има потреба, да се чува одреден период во оградени површини,
- да се одбере најсоодветен дел од ловиштето за негово испуштање,
- пред да се испушта да се извршат сите потребни подготовки на теренот (уништување на предаторите, формирање на ремизи, обезбедување на мир во ловиштето и сл),
- дивечот да се испушта во најсоодветниот дел од годината и во најсоодветниот период од денот и сл.
Аклиматизација и реаклиматизација на крупниот дивеч
Овие огради за еленскиот дивеч треба да бидат лоцирани во најдобрите еколошки средини во ловиштето, додека за муфлоните најдобро е ваквата ограда да се изгради во централниот дел од ловиштето, односно подрачјето каде што се предвидува да се аклиматизира. Внатре во оградата за елените треба да бидат опфатени површини со шума составена од стари и млади стебла, потоа ливади и што е најважно проточна и здрава вода.
Конструкцијата, големината, како и начинот на градењето на овие огради зависат од видот на дивечот и од планираното време за аклиматизација. Така на пример, за обичниот елен во зависност од бројот на елени што се предвидени за населување, површината на адаптационата ограда треба да изнесува од 5-20 ха, додека за еленот лопатар поради неговата голема прилагодливост на оградените ловишта таа површина може да биде и помала. При аклиматизација на еленот лопатар треба да се има во предвид дека дивечот не смее подолго време да се чува во аклиматозационата ограда, бидејќи може да дојде до негово припитомување. За муфлоните аклиматизациона ограда треба да има површина од околу 5 ха, додека повозрасните муфлони може да се сместат и во помали огради со површина од 0,7-1,0 ха.

Пуштањето на дивечот во природа се врши напролет и тоа зависи од временските и прехрамбените услови во овој период од годината. Најдобро е пуштањето да се изврши во она време, кога во ловиштето има веќе доволно природна храна. При испуштањето треба да се внимава дивечот да не се вознемирува. Пуштањето на елeните во природа се врши пред телењето на женките, додека кај муфлоните оградата се отвора по раѓањето на јагнињата.
Аклиматизација и реаклиматизација на ситниот дивеч
За разлика од крупниот дивеч, реаклиматизацијата на ситниот дивеч е полесна и поевтина процедура. За некои видови на дивеч, како на пример за зајакот и полска еребица веднаш се пуштаат во природа, додека за фазаните потребно е да се изградат адаптациони волиери. Сепак заедничко за сите видови на ситен дивеч е пред испуштањето бројноста на нивните предатори да се сведе на минимум, со што нивните загуби би се свеле во многу мали граници.
Зајаците за населување се ловат или набават во втората половина на јануари и најдобро е тие да се испуштаат во раните утрински часови за да им се смали можноста да избегаат на поголема одалеченост од местото на испуштање. За разлика од зајаците, полските еребици можат да се населуваат во ловиштата во разни годишни времиња, но најдобро е тоа да се направи во рана пролет пред тие да се издвојат во парови. Во подрачјата кои се под влијание на медитеранската клима нивното испуштање без поголеми потешкотии може да се врши и во есен. По транспортирањето еребиците се испуштаат веднаш, а најдобро е ако тоа се изведе во самрак.
Начинот на испуштање кај фазаните зависи од нивната возраст. Така на пример доколку се испуштаат возрасни единки тоа може да се направи директно, додека доколку станува збор за помлади единки тие претходно треба да се адаптираат, односно да се изврши нивна адаптација или доодгледување и подивување на пилињата.

Возрасните фазани може да се испуштаат со намера да се населат на одредено подрачје или што е почест случај во т.н. полигони за лов на фазани при што најголем дел од нив веднаш се ловат. Населувањето со фазани се врши во почетокот на месец април, кога фазаните поради инстиктот за размножување, се принудени брзо да формираат гнезда и не се во состојба да се отселат на поголема далечина. Нивното испуштање се врши во раните утрински часови во претходно подготвени природни или вештачки ремизи. Успехот во населувањето зависи од повеќе фактори, а посебно од солидното извршување на сите подготвителни работи во ловиштето, како што се уништување на предаторите, формирање на ремизи, обезбедување на мир во ловиштето и сл.
Доколку се населува ловиштето со фазански пилиња, неопходно е да се изгради адаптациона волиера. Најдобро е таа да се изгради во средишниот дел од ловиштето. Нејзината големина зависи од бројот на фазански пилиња, при што се практикува за едно пиле да му се обезбеди најмалку 2, а најмногу 5 m² површина. При тоа треба да се внимава за адаптационата волиера да ја исполни својата функција, структурата на површината треба да биде 70% под грмушки или дрвја и 30% обработливо земјиште посеано со житни култури.
Успехот на аклиматизацијата на фазанските пилиња се проценува преку бројот на отстрелани фазани. Така, доколку адаптацијата е извршена правилно, во првата година се отстрелуваат околу 50%, а во втората уште 4-5% од вкупниот број населени фазанчиња.