Ловството во Кавадарци е длабоко поврзано со постоењето на ова друштво, кое го формирале и развивале ловџиите од Кавадарци и околината. Со овој пост ќе ја завршим серијата натписи „Историјата на ловството во Кавадаречко“. Тука ќе се отстапи повеќе простор на поновата историја на Здружението на граѓани Ловечко друштво „Тиквеш“, како и за некои позначајни активности на друштвото.
Здружение на граѓани Ловечко друштво „Тиквеш“
Како што беше напоменато во претходниот дел, Здружението на граѓани Ловечко друштво „Тиквеш“ е формирано уште во далечната 1951 година како Месно ловечко друштво “Тиквеш“ од Кавадарци. Здружението на граѓани Ловечко друштво „Тиквеш“ од Кавадарци, денес е организација на доброволно здружени членови, заради остварување поширок општествен интерес, унапредување, размножување, заштита, ловење и користење на дивечот на подрачјето на општината Кавадарци. Друштвото е организирано во 9 ловни подружници на територијата на општината, од кои:
- 3 се градски подружници и тоа: „Тоце Делчев”, „Димката Габерот” и „Блажо Алексов”;
- 6 се подружници по селата и тоа подружниците: Росоман, Ваташа, Марена, Дреново, Бегниште и Конопиште.
Во Друштвото денес членуваат околу 250 членови, додека во 1996 година нивниот број бил над 1.100 ловџии.

Канцелариите на друштвото се лоцирани на ул. „Мито Хаџивасилев – Јасмин“ 7, во строгиот центар на Кавадарци, во објектот кој е граден со средства од ловџиите и донации од разни институции.
Друштвото работи организирано и на база на делегатски принцип, односно секоја подружница делегира свои членови во највисокиот орган на Друштвото – Собранието, а највисок орган на Собранието е Претседателството, во кое дејствува и Дисциплинска комисија. Со Друштвото раководи Претседателството како колективен орган, волонтерски спроведувајќи ги во живо Статутот, Законот за ловство и другите акти.
Претседателството од своја страна формира свои комисии за работа во Друштвото; (комисија за унапредување на ловството, комисија за кинологија – или кинолошка секција и други). Делегатите на Собранието на своите изборни седници од своите редови избираат членови во Претседателството.
Тоа и понатаму функционира преку самофинансирање, доходи што ги остварува од собирање на членарината што ја плаќаат ловџиите, како и други средства што се добиваат: кирија, ловечки забави (вечери), ловен туризам и др.
Ловечкото друштво мошне сериозен третман му посветува на развојот на ловниот туризам. Во програмата за работа внесен е како значајна доходовна ставка, со чија реализација се обезбедуваат забележителни приходи што служат за инвестирање во збогатувањето на ловот и подигање на нивото на одгледно-заштитните мерки во ловиштата. За таа цел, ловните терени на ЛД „Тиквеш“ често се посетувани од странски ловџии, најчесто од соседна Грција, воглавном за отстрел на прелетен дивеч – грлица.
Ловишта на ЗГЛД „Тиквеш“
Поделбите и новиот начин на доделување на ловиштата придонесол бројот на ловишта со кои стопанисува Друштвото во текот на годините да се менува. Поради новиот начин на доделување на ловиштата по принцип на јавен повик и поделби во самото Ловечко друштво што предизвикала појава на други ловечки здруженија од Кавадарци, во денешно време ловечкото друштво има само 3 ловишта.
Ловечкото друштво “Тиквеш”, од Кавадарци, во 1996 година стопанисувало со 7 ловишта, што биле во сопственост на Собранието на општината Кавадарци, а кое со договор биле отстапени на стопанисување на Друштвото, со целата ловна територија на општината од 113.140 хектари.
Во 2009 година се врши ново Востановување на ловишта на територија на Македонија, при што во ловниот реон Кавадарци се востановуваат 11 ловишта. Се до 2011 година ЗГЛД „Тиквеш“ стопанисувало со сите 11 ловишта во ловниот реон Кавадарци, кога губи дел од нив и им се доделуваат на други ловни друштва и концесинери. Во овој период ги губи ловиштата „Шешково“, „Лукар“ и „Рожден“.
Со јавниот повик во 2022 година за давање дивечот во ловиштата на користење поради изненадувачки високи суми постигнати по пат на електронско наддавање ги губи ловиштата „Дреново“, „Росоман“ и „Чемерско“. Највисокиот понудувач наскоро се повлекува и овие ловишта му се доделуваат на ЗГЛД „Тиквеш“ на присилна концесија да се грижи и да го чува дивечот се додека не биде избран нов концесионер.
Во денешно време ЗГЛД „Тиквеш“ стопанисува со три ловишта, и тоа:
- Лов.бр2 „Куманичево“
- Лов.бр.4 „Мрежичко“
- Лов.бр.8 „Марена“
Поради искуството, традицијата, добрата грижа за дивечот во минатото и довербата која ја има од соодветните институции, на присилна концесија му да се грижи и да го чува дивечот додека не се избере нов концесионер, му се доделени и пет ловишта, од кои три поради тоа што со претходниот јавен повик не добија нов корисник на дивечот и две ловишта на ЗГЛД „Тиквеш“ на кои им заврши Договорот за користење:
- Лов.бр.7 „Дреново“
- Лов.бр.8 „Росоман“
- Лов.бр. 9 „Ваташа’
- Лов.бр.10 „Кошани“
- Лов.бр.11 „Чемерско“
За претходно наведените пет ловишта кои се дадени на присилна концесија на ЗГЛД „Тиквеш“ наскоро ќе биде распишан Јавен повик за доделување и согласно одредбите од новиот Закон за дивечот и ловството, Друштвото е сериозен кандидат за нивно добивање.
Ловниот Дом – гордост на Кавадаречките ловџии
Еден од најголемите проблеми на Ловечкото друштво „Тиквеш“ на самите почетоци бил просторот. Тоа немало своја сопствена просторија во која што ќе можат ловџиите да се збираат и да другаруваат. Седиштето на Друштвото се селело од едно место на друго. Поради тоа поголемиот број од ловџиите, размислувале Ловечкото друштво да си има своја зграда, свој дом.
Како резултат на тоа во 1951 година бил даден предлог на Управата да покрене иницијатива за дом. На седницата на Собранието на Ловечкото друштво „Тиквеш“ одржана во 1951 година, Собранието ги задолжува тогашниот претседател, секретарот и неколку влијателни ловџии да се ангажираат да обезбедат плац, да изготват план, како и да обезбедат материјал за изградба на Домот.

Ловџиите првично имале идеја Домот да се гради на „Љубаш“, но од локалните авторитети и симпатизери на ловството им била понудена многу подобра локација, тоа е местото каде што се наоѓа и сега. Но на таа локација имало некои приватни дуќани кои требало да се купат и урнат за новата градба.
Друштвото со доброволна акција ги руши и исчистува споменатите објекти. За да се соберат извесни средства, кај членовите на Друштвото бил воведен доброволен прилог. Секој член давал по 1000 динари, а некои и повеќе. За колку големи средства во тоа време говори и фактот дека тогашната просечна плата била 1200 динари. Проектот за изградба на Домот го изработил Французин – тоа е сегашната зграда.
Вредно е да споменеме дека помош во пари при изградба на постојниот Ловечки дом дале и неготинските ловџии, за што во 1978 година ловечкото друштво „Тиквеш“ им се оддолжува, со донирање на Ловечкото друштво од Неготино 1.000.000 тогашни стари динари за изградба на ловечки дом во Неготино.
Во 1952 година започнала изградбата на Домот на доброволна база од страна на ловџиите и со помош на доброволните прилози во пари со сопствени мајстори. Во текот на 1955, 1956 и 1957 година, Домот целосно се доградува и се наместува ентериерот.
Домот во тој дел највисоко се издигал и претставува гордост на кавадаречките ловџии. Наскоро околу 1956 година, подготвена е за употреба канцеларијата на приземјето. Домот станува место каде што се собирале ловџиите, а првиот состанок на Управниот одбор во новоизградената зграда е одржан на 19. 05. 1956 година.
Сепак бидејќи Домот не бил целосно дограден, а веќе немало средства, сугестијата на Собранието била Домот да се даде на доградба од заинтересирани правни лица и да го користат наместо надомест. Така се јавува „Таан алва“ да го догради долниот дел и да направи слаткарница, а горниот дел го доградува хотел „Балкан“ кој користел 8 соби за спиење на гости. Договорот бил поради доградбата, овие две претпријатија да ги користат просториите без надомест до 1973 година.
По овој период поголем дел од Домот го користат правни и физички лица под наем, а средствата од деловниот простор се преливаат во касата на Ловечкото друштво “Тиквеш”. Овие средства се користат за функционирање на друштвото, за збогатување на ловиштата со дивеч, за спроведување на одгледно заштитните мерки за дивечот и сл.

Во 1996 година во составот на Домот, работел ловечкиот клуб со бифе. Тоа овозможило во тој периот во Друштвото да има вкупно 7 вработени лица: 1 технички секретар, 4 ловочувари, и 2 угостители.
Во денешно време тој се наоѓа на ул. “Мито Хаџивасилев – Јасмин” 7, во строгиот центар на Кавадарци, со вкупна површина од над 360 m². Во објектот се сместени канцелариите на ловечкото друштво, а преостанатиот дел од просториите ги има дадено под закуп за надворешни корисници.
Членство на Ловечкото друштво „Тиквеш“
Низ годините на своето постоење, Ловечкото друштво „Тиквеш“ има постојана нагорна линија на зголемување на ловџиите кои членуваат во него. Оваа нагорна линија опстојува се до крајот на 20 век и почетокот на 21 век, кога достигнува бројка од преку 1000 членови, за во денешно време бројот на членови значително да се намали.
Со формирањето на Друштвото во 1951 година, тоа успеало да ги прибере во своите редови сите ловџии од градот и од околината, вкупно околу педесетина и сите уредно си ја подмирувале членарината и ги исполнувале своите обврски според ловечката етика. Тогаш Друштвото има вкупно 58 членови. На членовите на Ловечкото друштво, покрај спортувањето и ловењето, основна задача им била и одгледувањето и заштитата на дивечот.
Во 1954 година веќе бројот на членовите е зголемен на 90 ловџии. Во 1956 година реорганизираните друштва од Бегниште, Ваташа и Дреново, се приклучуваат кон матичното друштво „Тиквеш“, поради што членството се зголемува на вкупно 126 члена.

Во 1977 година прилично зголемениот број ловџии (околу 700 членови), условува да се започне со учество на Собранието преку делегирање претставници од формираните девет подружници.
Оваа бројка веќе во 1979 година нараснува на преку 800 ловџии.
До крајот на 1987 година, се изготвила нова евиденција за сите подружници, односно нивните членови. Така, во 1986 година, биле регистрирани 845 члена – ловџии. По спроведената акција заедно со Секретаријатот за внатрешни работи од Кавадарци за евидентирање на сите поседувачи на ловечкото оружје, не членови на Ловечкото друштво, во 1987 година во Друштвото се зачлениле 984 ловџии.
Бројот на членовите-ловџии во 1988 година, изнесувал 963 ловџии, во 1989 година 981 членови, а во 1990 се надминува бројката 1.000 ловџии. Според податоците од монографијата во 1996 година во Друштвото членуваат над 1.100 ловџии.
Во Друштвото денес членуваат околу 250 членови. Ваквото драстично намалување на бројот на членството се должи на повеќе фактори, како што се: губење на дел од ловиштата, поделба на ловџиите и од матичното друштво формирање на други ловечки друштва, се помал број на млади ловџии поради потешкотии со добивање дозволи за ловечко оружје, намален интерес на младите за ловството, иселување на младите и сл.
Сепак ако се соберат и ловџиите во другите ловечки друштва и концесионери од Кавадаречкиот регион ќе се забележи драстичен пад на вкупниот број ловџии. Тоа може да доведе до заклучок дека последиците за негативниот тренд во ловството се многу покомплексни и треба посериозно да се разгледа ова прашање на државно ниво.
Кинолошка секција
Кинолошката секција при Ловечкото друштво “Тиквеш“ е формирана уште во почетните години од постоењето на ова Друштво, некаде по 1955 година. Од документите може да се види дека ловџиите, покрај другото, плаќале членарина и за Кинолошкиот сојуз, како и за Кинолошката секција на Друштвото.
Секцијата со помал, или поголем интензитет опстојува се до ден-денес. Има периоди кога нејзината активност била целосно занемарена, а има периоди кога таа била мошне активна.

Поголем обид за заживување на Кинолошката секција имаме во времето на претседателот Јордан Тасев, кога Друштвото одобрува дури и кредити за оние членови, кои сакаат да набават расни педигрирани кучиња.
Посебна заслуга за развојот на кинологијата во Кавадарци има Томе Лисичанец, кој на Собранието на Ловечкото друштво “Тиквеш” одржан во 1982 година е избран за претседател на Кинолошката секција.
Во период од 1994 до 1996 година кинолошката секција при Ловечкото друштво во своите редови, успева да прибере голем број сопственици на кучиња. Преземени се мерки за евидентирање на кучињата, издавање на нивни педигреа, следење на нивниот развој. Во соработка со Осигурителниот завод “Македонија” – Кавадарци, сите педигрирани и регистрирани кучиња биле осигурени.
Во септември 1995 година бил организиран ревијален натпревар на расни кучиња – Кинолошка смотра.
Ревијален натпревар на расни кучиња бил организиран и во 1996 година, на 7 Септември – Денот на ослободувањето на Кавадарци.
Натпревари на стрелаштво на глинени гулаби
Во втората половина на 80-тите години друштвото учествувало на три регионални натпревари на глинени гулаби и тоа двапати во Битола и еднаш во Скопје со вкупно 9 ловџии.
Во 1994 година Ловечкото друштво “Тиквеш“ и Стрелачкиот сојуз од Кавадарци, се договориле за востановување на традиционален меморијален турнир „Ристо Танев“, во спомен на долгогодишниот, починат претседател на Стрелачкиот сојуз и член на Ловечкото друштво – Ристо Танев. Турнирот првпат се организира во октомври 1994 година, а по вторпат истиот месец 1995 година. На натпреварот учествуваа 9 екипи од Друштвото со по 3 члена. Натпреварот се изведува со ловечко оружје, а право на учество имале само редовни членови на Друштвото.
Во тој период Сојузот на ловечките организации на Македонија формира лига за натпревари на стрелаштво на глинени гулаби. За таа цел, тогашното Претседателство донело проект за изградба на спортско стрелиште за глинени гулаби, но и овој проект како и повеќето претходни останал само на идеја.