Ловечкото друштво „Тиквеш“ од Кавадарци е едното од ретките ловечки друштва во Македонија кое има издадено монографија. Монографијата со наслов „1951-1996 година 45 години ловечко друштво „Тиквеш“ Кавадарци“ од ловечкото друштво е издадена во 1996 година.
Благодарение на тоа во денешно време постојат голем број на податоци, како за почетоците на ловството во Кавадаречкиот регион, така и за историјата на самото ловечко друштво „Тиквеш“. Од монографијата може да се заклучи дека историјата на ловството во Кавадаречкиот регион е тесно поврзана со ловечкото друштво „Тиквеш“.
Поради обемниот материјал и големиот број на податоци, за да се долови подобро историјата на ловството во Кавадаречкиот ловен реон и на Ловечкото друштво „Тиквеш“, за да не биде претежок за читање текстот ќе се подели на неколку делови кои ќе бидат објавувани во континуитет.
Почетоците на организираното ловство во Кавадарци
Според податоците од монографијата, почетоците на еден вид организирано ловство во Кавадарци датираат меѓу 1925 и 1930 година, но како Ловечко друштво “Тиквеш” од Кавадарци за прв пат е формирано во првите месеци на 1951 година.
Иако неорганизирано, сепак меѓу двете светски војни во ова Друштво постоеле ловџии, кои спортувале, а и ловеле. Дури постои мислење дека општо земено, ловството во Кавадаречко меѓу двете светски војни било развиено како никаде на друго место во Македонија.
Интересно е да споменеме дека и тогаш имало ловостој и тоа само летните месеци, а имало и посебна служба што се занимавала со заштита на дивечот од ловокрадство. Таквите лица се викале „Финанти“ (вид тогашни чиновници – ловници).
За време на бугарската окупација на Македонија, има краток застој во ловството во Кавадаречко. Тоа трае во текот на 1941 година, но веќе во 1942, 1943 и 1944 година, се обавува интензивен лов. На веќе споменатите, а и на новите ловџии, бугарските власти не им ги одзеле пушките, туку од ловџиите барале да бидат лојални граѓани на окупаторот. Имено, бугарските окупатори честопати ги искористувале членовите, сопственици на ловечкото оружје, со тоа што ги мобилизирале и ги поставувале како ноќни стражари околу градот за заштита од партизаните.
За регуларност на ловот, во ова време, се грижеле лесничеите – ловечка служба која дејствувала во рамките на шумското стопанство. За неплатената членарина им се одземале пушките.
По војната, во 1945 година е формиран Сојузот на ловечките организации на Македонија, а потоа и Потсојузот во Титов Велес. Во тој период во Кавадарци се одвива лов, но не организиран во Ловечко друштво.
Формирање на Ловечкото друштво „Тиквеш“
Во првите 5-6 повоени години, сите активности во ловството во Кавадарци се поврзани со личноста на Ѓорѓи Манојлов, кој се смета и за иницијатор за формирање на Друштвото. Тогаш, во првите месеци на 1951 година, практично е формирано Месно ловечко друштво “Тиквеш“ од Кавадарци.
Прв пишан документ за Месното ловечко друштво „Тиквеш“ датира од 29. 04. 1951 година. Тоа е Записникот под бр. 1 од првиот Управен одбор на Месното ловечко друштво „Тиквеш“.
Во април 1951 година, формирана е првата управа од 9 члена. Според некои тврдења на ловџиите од тој период, чии сеќавања веќе избледнеле, за прв претседател бил назначен Ристо Наумовски – Капетанот. Меѓутоа документацијата од тој период зборува дека прв претседател на Месното ловечко друштво „Тиквеш“ бил Трајко Клинчаров,
Во есента 1953 година за првпат, ловот бил пуштен организирано, односно заеднички. Сите ловџии со камиони биле пренесени до селото Фариш. По завршувањето на ловниот ден, уловениот дивеч бил собран на едно место и се делел братски на сите и на оние што не отепале ништо.

Група ловџии при пуштање на ловот во 1953 година
Друштвото дејствувало како посебна единица на Потсојузот се до 1955 година, кога било регистрирано како самостојно друштво. Инаку, во рамките на Потсојузот тоа дејствувало до 1963 година, кога Потсојузот во Титов Велес, престанал со работа.
Во текот на 1954 – 1955 година од Сојузот на ловечките организации на Македонија, покрената е иницијатива за формирање на Ловна задруга, во која ловџиите ќе се снабдуваат со поевтин материјал за ловење, а кожите да им се плаќаат поскапо. Како резултат на тоа, Ловната задруга во Кавадарци била формирана во 1957 година и во неа се продавале ловни материјали.
Во 1955 година со цел да се стимулира ништењето на штетниот дивеч, за првпат се воведуваат бодови. Оние кои немало да ги исполнат бодовите, плаќале парична казна. Во истата година за прв пат се воведуваат и ловечки испити.
Во 1956 година реорганизираните друштва од Бегниште, Ваташа и Дреново, се приклучуваат кон матичното друштво „Тиквеш“.
Во месец јуни 1957 година, за првпат на кавадаречките ловни терени се пуштаат фазани, кои биле набавени од фазанеријата во Катланово. Оваа пракса на збогатување на ловиштата со фазански дивеч продолжува до денешно време.
Во тој период во ловните терени на ЛД „Тиквеш“ за прв пат се одобрува ловен туризам за ловџии надвор од Републиката. За заштита и унапредување на ловот, Управниот одбор донесува решение за секој кој не е член на Ловечкото друштво „Тиквеш“, т.е. секој гостин кој сака да лови треба да плати одреден паричен надомест на име на оштета на Друштвото.
Во 1957 – 1958 година, се извршува преобразба на системот на ловството и Ловечката организација на Народна Република Македонија. Доаѓа до формирање на ловишта со кои стопанисуваат друштвата.
Во овој период, Друштвото преку Потсојузот во Титов Велес, развива активна соработка со Сојузот од Крагуевац. Така, во 1962 година, ловечкото друштво „Тиквеш“ на Друштвото од Крагуевац му подарува еребици – камењарки кои многу успешно се прилагодуваат.
Во 1967 година со Одлука на Собранието на општината Кавадарци, биле формирани 7 ловишта (во сегашнава состојба), кои од 1968 година биле дадени на користење на Ловечкото друштво „Тиквеш“.

Во овој период се продлабочува соработката со соседните ловни друштва, во рамките на што се прават размени на ловни дозволи, при што посебно се истакнува соработката со Ловечкото друштво „Мукос“ од Прилеп.
Кон крајот на 60-тите години и почетокот на 70-тите години настануваат поизменети околности. Членството на ловџиите значително се зголемува, се повеќе се напушта ловечката етика и секој настојува да лови колку што сака, а со тоа со заканувало опасноста од намалување, пред се на полезниот дивеч. Поради тоа се преземаат голем број активности, посебно за спречување на ловокрадството. За таа цел, во овој период за првпат со воведува и ловочуварска служба, при што првиот ловочувар е примен на работа 1966 година.
Во 1977 година, за првпат, на делегатски принцип е одржано Изборно годишно собрание. Со оглед на веќе прилично зголемениот број ловџии, (околу 700) и неможноста сите да присуствуваат на Собранието, формираните девет подружници испраќаат свои делегати на Собранието.
Во истата година, меѓу другите одлуки, одлучено е за време на ловостојот да се врши пломбирање на ловечкото оружје на територијата на Општината. Управниот одбор, а подоцна и Претседателството оваа Одлука во целост ја спроведувало во наредните четири години.
Во овој период се појавила иницијатива, Ловечкото друштво да се припои со Шумското стопанство „Бор“ и да стане негова трета гранка. Оваа идеја наишла на отпор кај повеќето од ловџиите и со помош на Ловечкиот сојуз на Македонија, Друштвото и понатаму останало да дејствува независно и самостојно.
Во 1982 година дел од ловиштето бр. 6 – Рожденско, било отстапено на Шумското стопанство „Бор“ од Кавадарци, за формирање на современо ловиште наречено „Чатино“, атар на с. Рожден и с. Клиново.
Истата година, официјално е регистрирана продавницата на Ловечкото друштво „Тиквеш“. Имено, му се одобрува на Ловечкото друштво „Тиквеш“ да се занимава со промет на мало со експлозивни материјали – ловечки барут, ловечка и друга муниција, каписли и друго на ул. „Мито Хаџивасилев – Јасмин“.

Ловен Дом во Кавадарци
Од 1985 година, па наваму било воведено едногодишно стажирање на новите членови на Друштвото, за потоа истите да полагаат ловечки испит.
По осамостојувањето, Токму во овој период на големи историски промени, Друштвото уште повеќе зајакна. И покрај галопирачката инфлација во земјата, кавадаречките ловци успешно стопанисуваа, со што се овозможи целосно одвивање и на другите активности.
И во овој период, Друштвото посебно внимание посветува на одгледувањето, размножувањето и заштитата на дивечот. За таа цел, во текот на овој мандат не изостануваат традиционалните активности; пролетно и есенско пребројување на дивечот, организираните хајки за ништење на штетниот дивеч, населување на фазански дивеч и сл.
Ентузијазам полн со идеи
Од своето формирање, ловџиите и управите на ловното друштво имале голем ентузијазам и голем број на идеи за развој на ловството во Кавадаречкиот регион. Од тоа се изродиле повеќе иницијатива за изградба на разни објекти во служба на ловството, но од разни причини за повеќето од нив не се случила реализација.
За одбележување е што околу 1977 година била покрената иницијатива за формирање мал резерват по текот на Праведничка Река. Теренот бил посетен од членови на Ловечкиот сојуз на Македонија и претставници на резерватот „Маврово“. Од „Мавровскиот резерват“, биле понудени како подарок 2 муфлони – женки, но поради не реализирање на оваа идеја и не заградување на теренот тие не биле пуштени.
Во 1978 година се покрена иницијатива за оградување со плетена жица на забранетото ловиште „Љубаш“, која акција треба да се изведе заедно со АК „Тиквеш“, но до реализација на оваа идеја не дошло.
Од страна на Општинското собрание, во соработка на тогашната ЈНА, покрената е иницијатива ловиштето Шешково – Праведник („Вишешница“), да се направи резерват и национален парк кој ќе биде од големо значење за Кавадарци. Во него ќе инвестира Армијата, а ќе биде и под нејзин надзор. Со тоа се зголемува и обврската на Ловечкото друштво „Тиквеш“. Оваа иницијатива опстојува и до денешни дни, но никако не дојде до реализација, пред се поради недостаток на средства.
За збогатување на ловиштата со дивеч, во текот на 1982 и 1983 година се направиле обиди за пуштање на еден лопатар, срна и друг крупен дивеч во спомен-паркот „Шешковско“, но поради тоа што не се остварува предвиденото заградување на теренот, оваа акција не се реализирала.
Во периодот околу 1987 година од страна на Шумарскиот факултет од Скопје била изготвена и експертиза (долгорочна програма) за развој и унапредување на дивечот на забранетиот дел од ловиштето бр. 3 „Шешковско“. Било предвидено и ограден дел на околу 270 хектари. За жал, истата не се реализирала.
Во тој период Сојузот на ловечките организации на Македонија формира лига за натпревари на стрелаштво на глинени гулаби. За таа цел, тогашното Претседателство донело проект за изградба на стрелаштво, но и овој проект како и повеќето претходни останал само на идеја.
Во 1989 година била покрената и иницијатива за добивање на имот во сопственост на Друштвото, поради изградба на современа триделна волиера за адаптирање на фазанскиот дивеч, но и оваа иницијатива како и многу претходно не се реализирала.